Денеска завршуваат уште едни Зимски олимписки игри, а Македонија повторно помина незабележано. До кога на ваквите големи манифестации македонските настапи повеќе ќе наликуваат на туристичко присуство, отколку на спортска амбиција за постигнување успеси?
Проблемот не е во спортистите, оти Македонија има таленти. Проблемот е во системот: какви услови им се нуди и се има ли јасна цел.
Македонскиот олимписки комитет со децении се задоволува само со формално учество, а и нејзини членови да прошетаат низ светот, без стратегија за развој на зимските спортови. Ако се погледнат и резултатите од Летните олимпијади, сликата е иста – систем без насока и приоритети, со по некој успех постигнат исклучиво со индивидуален напор.
Министерството за спорт често се фали со висината на субвенции што ги исплаќа кон федерациите и клубовите, но ретко кој мери што тие пари донеле. Пари без стратегија се трошок, не инвестиција.
Време е за јасен македонски спортски план: да се одберат, на пример, пет летни и три зимски спорта во кои државата системски ќе вложува, со прецизни цели и резултати во рок од шест до осум години.
Само така од олимписки туристи можеме да станеме вистински натпреварувачи.
