Новите градоначалници веќе и не се баш нови. Поминаа и 100-те дена на „запознавање” со работите во општините. Засега оценката од нивното делување е едвај преодна, но се чекаат во иднина повеќе резултати.
Можат ли тоа да го испорачаат градоначалниците и општинските служби?
За да им помогне, Министерството за локална самоуправа пред два дена формираше база од 170 експерти кои ќе дадат поддршка и насоки на општините во решавање на конкретни проблеми и за подобрување на услугите.
Дали ваквите експерти ќе ги раздвижат општините? Таму фали иницијативност и желба за квалитетно и навремено работење. Има ли експерти за тоа?
Вториот проблем на општините е и дека голем дел од нив функционираат со сериозни финансиски проблеми, со долгови од по неколку милиони евра, најчесто како последица на непланско работење, нереални проекти и слабо управување.
Има ли експерти кои ќе ги учат како тоа да не се повтори?
Ако нема визија, план и домаќинско работење, ниту најдобрите совети од експерти не даваат резултат.
На општините не им треба само советници, туку и работници, а таквите се веќе вработени во општините и граѓаните дебело ги плаќаат. Само треба да почнат да работат.

