Килијан Мбапе продолжува со јавната кампања за освојување на престижната награда „Златна топка“, тврдејќи дека неговите индивидуални достигнувања се доволна причина токму тој да го добие признанието.
Ѕвездата на Реал Мадрид повторно даде интервју за францускиот весник „Л’Екип“, а главната тема беше изборот за најдобар фудбалер во светот.
Мбапе смета дека при изборот мора да се земат предвид индивидуалните перформанси, иако признава дека тимските успеси имаат значајна улога.
„Секогаш верував дека Златната топка треба да му припадне на навистина исклучителен играч. Секако, постои и тимски аспект, бидејќи фудбалот е колективен спорт. Но, сепак станува збор за индивидуална награда“, изјави Мбапе.
Французинот додаде дека неговата визија за ова признание е иста како во периодот кога доминираа Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
„Никогаш не се доделува на обични играчи, туку на оние кои се исклучителни. Мислам дека оваа година бев различен од другите и затоа верувам дека можам да ја освојам“, порача напаѓачот.
Мбапе како главни аргументи ги посочи своите индивидуални бројки. Тој беше најдобар стрелец во натпреварувањата во кои настапуваше, вклучувајќи ги Ла Лига, Лигата на шампионите и Светското првенство, каде што стана најдобар стрелец во историјата на турнирот според бројот на постигнати голови.
На забелешките дека нема освоено трофеи, Мбапе одговори дека ниту една Златна топка досега не била доделена со целосна согласност од сите.
„Никогаш не сум видел Златна топка која ги исполнила апсолутно сите критериуми. Никогаш немало играч кој ја освоил со 100 отсто од гласовите. Секогаш постои некој што мисли дека друг заслужил“, рече тој.
Французинот нагласи дека историските достигнувања мора да бидат вреднувани.
„Да се биде најдобар стрелец во историјата на Светските првенства е нешто што останува запаметено. Кога ќе ги погледнете аргументите и конкуренцијата, мислам дека ако ја освојам наградата, тоа нема да биде неправедна одлука“, додаде Мбапе.
Ѕвездата на Реал Мадрид смета и дека можеби одамна требало да го има признанието.
„Со години се сметав за најдобар играч на светот. Не видов играч подобар од мене. Кога Меси или Кристијано Роналдо ја освојуваа Златната топка, немав проблем со тоа, бидејќи верував дека се најдобри. Но, кога станува збор за другите, никогаш не сум сакал да бидам на нивно место“, изјави Мбапе.
