Претставувајќи дел од своите приоритетни проекти, кандидатите за градоначалници на Скопје ја започнаа изборната кампања. Ветија решенија за градската нечистотија, урбаниот хаос и поправање на сликата за Скопје како запуштен и нефункционален град.
Кандидатката за градоначалник на СДСМ Каја Шукова, вети дека управувањето со отпадот ќе биде важен дел од нејзината изборна програма. Со почеток на својата кампања пред сопствениот градежен проект мостот Љубљанска, кандидатот на граѓанската платформа „Независни заедно„ Горан Марковски, најави решенија за сообраќајната нефункционалност на главниот град.
Кандидатот за градоначалник на коалицијата „Искуство за успех„ Александар Трајановски, посочи дека градот Скопје е заробеник на политички суети.
Жителите на Скопје пак очекуваат решенија за нечистотијата во главниот град. За голем дел од нив, ѓубрето во кое тоне Скопје, претставува еден од најургентните проблеми.
Освен проблемите со ѓубрето, на граѓаните најмногу им пречи и недостатокот на автобуси како и аерозагадувањето.
