Работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска ќе биде во фокусот на собраниската расправа, откако пратениците ќе ја разгледуваат интерпелацијата поднесена од опозициската партија Левица.
Иницијаторите на интерпелацијата тврдат дека државниот енергетски систем се соочува со нови задолжувања и обвинуваат за, според нив, слаби резултати во работењето на Министерството, особено во енергетскиот сектор. Од Левица ги повикаа и останатите пратенички групи да ја поддржат иницијативата за изгласување недоверба на министерката.
Освен интерпелацијата, на дневен ред на 128. седница на Собранието се и повеќе кадровски и законски точки. Пратениците ќе одлучуваат за избор на нов член на Судскиот совет, именување член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
На седницата ќе се разгледуваат и измените на Законот за јавните набавки и Законот за животната средина во второ читање, како и измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кои се во прво читање.
Пред пратениците ќе се најде и Годишниот извештај на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во текот на 2025 година, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и предлог-одлуката за продолжување на рокот на кризна состојба на дел од територијата на државата.
