Пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, во Собранието ја образложи интерпелацијата за министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, обвинувајќи ја Владата дека не ги реализирала ветувањата во енергетскиот сектор.
Како едно од клучните прашања Бочварски го посочи договорот со ЕВН за електричните броила, за кој, според него, Министерството и министерката сè уште немаат дадено јасни одговори.
Тој потсети на дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од изборната програма во 2024 година, меѓу кои гасификација на домаќинствата и стопанството, изградба на гасоводна мрежа, модернизација на ТЕЦ „Неготино“, развој на водородната енергетика и реализација на проектот „Чебрен“.
Според Бочварски, по повеќе од две години од преземањето на власта, за голем дел од најавените проекти нема конкретни резултати.
Тој посочи и на зголемувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата во 2026 година, наведувајќи дека растот се движи од 2,45 отсто во првиот блок до 3,84 отсто во четвртиот блок, вклучително и кај евтината тарифа.
Дополнително, побара одговори за состојбата во ЕСМ, при што наведе дека долгот на државната компанија е зголемен за повеќе од 17 милиони евра.
„Што добија граѓаните од вашата енергетска политика? Добија ли помали сметки за електрична енергија? Добија ли побезбедна енергетска инфраструктура?“, праша Бочварски од собраниската говорница.
Тој оцени дека пониските цени на горивата во споредба со дел од соседните земји не можат да се сметаат како единствен показател за успешност, потсетувајќи дека граѓани од соседните држави со години купуваат гориво во пограничните места во Македонија.
Во своето обраќање се осврна и на проектот „Чебрен“, за кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ претходно се залагала да биде реализиран со државни средства, но дека и натаму нема конкретен напредок.
Бочварски побара и информации за напредокот на гасификацијата и мерките што треба да придонесат за поголема енергетска независност и намалување на загадувањето.
На крајот, тој најави дека пратеничката група на СДСМ и опозицијата ќе гласаат за интерпелацијата на министерката Сања Божиновска.
