Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитки до граѓаните на Србија по изборната победа на студентската листа на предвремените парламентарни избори, оценувајќи дека станува збор за голема и историска промена.
Во соопштение од партијата, Филипче порача дека резултатот на изборите претставува, како што наведува, ослободување од „криминалните структури на власта“.
„Честитки до граѓаните на Србија за големата, историска победа! Како што најавивме, следува ослободување од криминалните структури на власта. Падна Орбан. Падна Вучиќ. Сите знаеме кој е следен“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ очекува новите политички околности во Србија да придонесат за уште подобри односи меѓу двете држави.
„Очекувам Србија и Македонија да градат најдобри можни односи, засновани на меѓусебно почитување и соработка“, порача Филипче.
Тој упати и порака до граѓаните во Македонија, најавувајќи политичка борба против, како што рече, остатокот од „криминалната балканска група“.
„На граѓаните на Македонија им порачувам дека нè чека борба, ни малку лесна, затоа што се бориме против остатокот од оваа криминална балканска група“, изјави претседателот на СДСМ.
