ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека не ги објавил анкетите што ги најавил пред две недели, со кои, според партијата, требало да се покаже раст на рејтингот на СДСМ и пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија велат дека по резултатите од изборите во Брвеница, Филипче и СДСМ молчат и не понудиле објаснување за најавените истражувања на јавното мислење.
„Од Филипче и СДС нема анкети, нема резултати, нема објаснување. Има само празни ветувања и лаги“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата побара од лидерот на СДСМ да ги објави истражувањата доколку тие навистина покажуваат раст на поддршката, прашувајќи зошто резултатите сè уште не се презентирани во јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека изборниот резултат во Брвеница претставува сериозен политички пораз за СДСМ, наведувајќи дека разликата меѓу партиите била четири спрема еден. Од партијата додаваат и дека претседателот Христијан Мицкоски има значителна предност во однос на Филипче.
Во соопштението се наведува и дека во СДСМ постои зголемено незадоволство и внатрешни поделби, додека раководството, според ВМРО-ДПМНЕ, се обидува да ја претстави состојбата како позитивна преку најави за подобар рејтинг.
„Политичката доверба не се гради со измислен оптимизам, туку со резултати и одговорност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија нагласуваат дека не се плашат од проверка на поддршката кај граѓаните и дека, според нив, довербата се потврдува преку конкретна работа и резултати.
