Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во рамки на работната посета на Германија, остварил средба со премиерот на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст.
Како што информира Николоски преку објава, главна тема на разговорите била економската соработка меѓу Македонија и Германија, со акцент на можностите за привлекување нови германски инвестиции во земјава.
Тој посочил дека компании како „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК“, „Гересхајмер“ и други германски инвеститори веќе подолг период успешно работат во Македонија и имаат значајна улога во домашната економија.
Според Николоски, ваквите средби имаат за цел дополнително зајакнување на економските односи, проширување на соработката и создавање услови за нови странски инвестиции.
„Градиме силни партнерства“, порача Николоски по средбата.
