Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека разговорите со раководството на Германскиот Телеком во Германија биле насочени кон можностите за нов инвестициски циклус во Македонија, не само во телекомуникацискиот сектор, туку и во области со висока додадена вредност.
Тој информираше дека во рамки на посетата на Бон остварил средба со главниот извршен директор на Германскиот Телеком, на која биле разгледани можностите за дополнително проширување на инвестициите на компанијата во земјава.
„Разговаравме за нивните потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, но не се ограничивме само на телекомуникацискиот пазар. Зборувавме и за можни инвестиции во здравството, паметните технологии и други индустрии кои ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија“, изјави Мицкоски.
Во текот на посетата, владината делегација одржала средби и со претставници на Германската стопанска комора и компании кои веќе инвестираат во Македонија, како и со фирми што покажуваат интерес за влез на македонскиот пазар.
Според премиерот, на средбите било разговарано за досегашните искуства на германските инвеститори, можностите за подобрување на деловната клима, како и за проширување на постојните производствени капацитети.
„Разговаравме како нивните инвестиции да бидат уште поуспешни, но и како да се зголемат нивните капацитети во Македонија, што ќе придонесе за раст на македонската економија“, нагласи Мицкоски.
Тој оцени дека денот бил исклучително успешен и изрази уверување дека разговорите што биле водени во Германија ќе придонесат за нови инвестиции и подобар квалитет на живот за граѓаните. Владината делегација и во наредните денови ќе продолжи со работните средби во Германија.
