Народната банка на Република Македонија воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола, поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер Алта банка АД Белград, соопшти гувернерот Трајко Славески.
Одлуката стапува во сила од 1 ноември 2026 година, а за клиентите физички лица е определен неделен лимит од 10.000 денари за одлив од нивните сметки преку банкарски картички.
Мерката е донесена откако во јавноста беа објавени информациите за одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград и одлуката за исполнување на условите за поведување стечајна постапка во српската банка, која е акционер со квалификувано учество во Алта банка АД Битола.
„Во насока на заштита на билансот на Алта банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи, Извршниот одбор на Народната банка донесе решение со кое се воведува администрација во банката. Решението е веќе во сила“, изјави Славески.
Гувернерот нагласи дека станува збор за привремена мерка и дека таа не е резултат на нарушена финансиска состојба на Алта банка АД Битола.
Според него, банката е високо капитализирана, ликвидна, има квалитетно кредитно портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди.
Со воведувањето на администрацијата, управувањето со имотот на банката привремено го преземаат лица назначени од Народната банка, согласно овластувањата утврдени од Извршниот одбор.
За граѓаните, најзначајната промена се однесува на ограничувањето на плаќањата.
„Во интерес на граѓаните, а со цел извршување на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од банката“, посочи Славески.
Од Народната банка информираат дека интерните трансакции меѓу сметки на клиенти во рамките на Алта банка, како за физички така и за правни лица, ќе продолжат да се извршуваат без ограничување на износот.
Гувернерот дополнително апелираше клиентите кои имаат кредити во банката редовно да ги исполнуваат своите обврски, бидејќи воведувањето привремена администрација не значи прекин на отплатата на кредитите.
Народната банка уверува дека преземените мерки имаат цел да го заштитат имотот на банката и интересите на штедачите, а состојбата ќе продолжи внимателно да се следи.
Воедно, Славески повика на воздржаност од изјави што би можеле да предизвикаат непотребна загриженост кај граѓаните, посочувајќи дека ширењето паника може да им наштети на самите штедачи.
