Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, со кој се планираат приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, буџетот е насочен кон одржување на стабилни јавни финансии, постепена фискална консолидација и поттикнување на економскиот раст преку инвестиции и подобрување на животниот стандард.
Министерката истакна дека буџетот е подготвен во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување, поради што посебен акцент бил ставен на реални проекции, одржливи расходи и поефикасно користење на јавните средства.
Вкупните приходи се проектирани на 395,4 милијарди денари, што претставува раст од 5,7 проценти во однос на 2026 година, додека расходите се планирани на 440,4 милијарди денари, односно за 4,8 проценти повеќе од годинава. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари или 3,5 проценти од бруто-домашниот производ, во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, средства што ќе бидат насочени кон инфраструктурни проекти, подобрување на јавните услуги и создавање долгорочна вредност. На приходната страна, даночните приходи се планирани на 223,1 милијарди денари, што е зголемување од 6,4 проценти, при што Владата најавува продолжување на мерките за подобра наплата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси.
Со буџетот се обезбедуваат средства за раст на платите во јавниот сектор, исполнување на обврските од членството во НАТО и зајакнување на одбранбените капацитети, при што за одбраната ќе бидат издвоени средства во висина од два проценти од БДП.
За социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари, што е за 4,1 процент повеќе во однос на претходната година. Од нив, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, 14,3 милијарди за социјална заштита на ранливите категории граѓани, а 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување. За здравството се обезбедени дополнителни 3,9 милијарди денари, додека за општините преку блок-дотации и средства од ДДВ се предвидени околу 36 милијарди денари.
Министерката нагласи дека во 2027 година ќе продолжи реализацијата на големите инфраструктурни проекти преку Јавното претпријатие за државни патишта, меѓу кои се Коридорите 8 и 10-д, автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и железничката инфраструктура на Коридорот 8 и граничниот премин Табановце.
Во текот на наредната година ќе започнат и нови инвестиции, меѓу кои обновување на возниот парк на Железници – Транспорт, дополнително финансирање за изградба на спортски сали, завршување на објектот на ФИНКИ, изградба на нов објект за Факултетот за физичко образование, како и реконструкција на студентски домови, училишта и универзитетска инфраструктура.
За сервисирање на јавниот долг во 2027 година се планирани 124,6 милијарди денари, од кои 46,5 милијарди денари се за отплата на надворешен долг. Владата планира домашно задолжување од 36,3 милијарди денари, дополнителни 60 милијарди денари преку едногодишни државни хартии од вредност и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари.
Димитриеска-Кочоска порача дека Владата останува посветена на фискална дисциплина, одговорно управување со јавните финансии и реализација на капиталните инвестиции, со цел обезбедување одржлив економски раст и подобар животен стандард за граѓаните.
