Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари бизнис-средба со претставници на германски компании од Северна Рајна-Вестфалија кои веќе работат и инвестираат во Македонија, информира вицепремиерот Александар Николоски.
На средбата биле претставени можностите за нови вложувања, со фокус на натамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и на отворање нови работни места во Македонија.
Според Николоски, разговорите биле насочени и кон инфраструктурните проекти и капиталните инвестиции, кои се меѓу клучните приоритети на Владата во следниот период.
„Продолжуваме да работиме на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, во која германските компании ќе ја препознаат Македонија како сигурна и атрактивна дестинација за долгорочни инвестиции“, посочи Николоски.
Тој нагласи дека германските компании се важен партнер за македонската економија и дека Владата ќе продолжи со активности за привлекување нови инвестиции и проширување на постојните бизнис-капацитети.
