Од 1 мај следната година ќе започне да функционира новата авионска линија меѓу Тиват и Скопје, која во почетниот период ќе се реализира двапати неделно.
Информацијата ја соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека воспоставувањето на оваа линија ќе придонесе за поголема поврзаност меѓу Македонија и Црна Гора, но и за развој на туризмот и економската соработка.
„Она што пред 20 дена го разговаравме при нашата посета на Црна Гора, се реализира. Оваа авиолинија се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот. Се надевам дека оваа авиолинија ќе ја користат многу луѓе“, изјави Николоски на заедничката прес-конференција со црногорскиот вицепремиер Филип Ивановиќ.
На средбата меѓу двајцата функционери биле разгледани и можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.
Како дел од договорените активности, следната година треба да се одржи голем бизнис форум на кој ќе учествуваат компании од Македонија и Црна Гора, со цел поттикнување нови деловни контакти и заеднички проекти.
