Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, претстави пакет мерки насочени кон спречување на антисемитизмот и зголемување на безбедноста на еврејската заедница во најголемиот американски град.
Планот предвидува дополнителни средства за заштита на синагогите, пошироки едукативни кампањи за подигање на свеста кај јавноста, како и поддршка за значајни еврејски културни и верски институции.
Мамдани преку објава на платформата Х порача дека неговата администрација ќе работи еврејските жители на Њујорк да се чувствуваат безбедно и почитувано, нагласувајќи дека заштитата на нивната заедница, историја и иднина е приоритет.
Тој посочи дека Евреите претставуваат околу 12 проценти од населението во Њујорк, но дека повеќе од половина од сите пријавени злосторства од омраза во градот се поврзани со антисемитски инциденти. Според Мамдани, ова е проблем што мора заеднички да се надмине.
Објавувањето на мерките следува по критиките од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации го нападна Мамдани, нарекувајќи го „антисемитскиот градоначалник на Њујорк“.
Мамдани, кој јавно го критикува Израел и важи за еден од најистакнатите пропалестински политичари во САД, поради своите ставови се соочи со противење од делови на еврејската заедница.
За време на изборната кампања тој најави дека би барал апсење на Нетанјаху доколку израелскиот премиер дојде во Њујорк, повикувајќи се на налогот на Меѓународниот кривичен суд од 2024 година. Подоцна призна дека како градоначалник нема овластување да спроведе таква мерка.
