Белата куќа официјално потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин ќе одржат трилатерална средба следниот четврток во кинескиот град Шенжен, на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
Портпаролката на Белата куќа, Оливија Велс, изјави дека една од главните теми на разговорите ќе биде намалувањето на нуклеарното оружје.
„Претседателот јасно стави до знаење дека ќе се занимава со прашањето за намалување на нуклеарното оружје во светот. Тој смета дека неговото ширење претставува сериозна опасност“, рече Велс.
Американски претставник, кој зборувал под услов на анонимност, открил дека Трамп планира на средбата да го отвори и прашањето за Иран.
Во исто време, истиот функционер нагласил дека темата за Украина најверојатно нема да биде дел од трилатералните разговори, бидејќи САД водат одделни дипломатски процеси со Киев и Москва, во кои Кина не учествува.
За време на посетата на Кина, Илон Маск ќе биде дел од американската делегација, но нема да присуствува на состанокот меѓу тројцата лидери. Предвидено е Трамп да има и посебен работен ручек со кинескиот претседател Си Џинпинг, што ќе биде нивна четврта средба откако Трамп повторно ја презеде функцијата во јануари 2025 година.
Според американски претставници, засега не е планирана посебна билатерална средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Во пресрет на посетата, од Белата куќа порачаа дека актуелните случувања поврзани со компанијата „Нвидија“ и американските ограничувања за извоз на напредни чипови нема да бидат дел од разговорите со кинеската страна.
Американскиот претседател ќе отпатува во Азија во понеделник, а според најавите, најпрво ќе ја посети Филипините, по што ќе замине за Шенжен, каде ќе се одржи самитот на АПЕК.
