Федералната управа за воздухопловство на САД (ФАА) ја укина четиричасовната забрана за летови воведена поради сериозни проблеми со комуникациските системи за контрола на воздушниот сообраќај, но властите предупредуваат дека нарушувањата во авиосообраќајот ќе продолжат и во наредните часови.
По извршените проверки и тестирања на системите, ФАА соопшти дека е дозволено постепено продолжување на воздушниот сообраќај.
Во меѓувреме, илјадници летови беа откажани, а десетици илјади патници останаа заглавени на аеродромите ширум Соединетите Американски Држави.
Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи, изјави дека ќе биде потребно време за целосно нормализирање на состојбата, бидејќи авионите и екипажите не можат веднаш да се вратат на редовниот распоред.
Тој објасни дека застојот бил предизвикан од дефекти во радио и радарските системи, како и од преоптоварување на рутерите поради истовремено користење на постара и понова технологија.
Министерот за внатрешна безбедност, Марквејн Мулин, истакна дека затворањето на воздушниот простор било неопходна мерка за безбедност и нагласи дека засега нема индиции оти станува збор за кибернапад, иако таа можност сè уште не е целосно исклучена.
ФАА досега само неколкупати во историјата наредила целосно затворање на воздушниот простор на САД – по терористичките напади на 11 септември 2001 година и во февруари 2023 година поради дефект во системот за известување на пилотите.
