Обилните врнежи што ја зафатија Словенија предизвикаа поплави во повеќе делови од земјата, при што три куќи во Ајдовшчина се делумно поплавени, а водата навлезе и во подрумот на пречистителната станица по наглото зголемување на водостојот на реката Випава.
Помеѓу Випава и Нова Горица, повеќе локални патишта се најдоа под вода, а спасувачките служби интервенирале и за извлекување на возило кое заглавило на поплавен коловоз.
Словенечката служба за заштита и спасување соопшти дека во текот на денот регистрирала 37 интервенции поврзани со поплавите, од кои најголем дел биле во регионот на Нова Горица. Пожарникарите испумпувале вода од поплавени објекти, поставувале вреќи со песок како заштита и расчистувале паднати дрвја. Во Кромберк, потпорен ѕид се урнал врз коловозот.
Според најновите информации од словенечката Агенција за животна средина (АРСО), реката Випава се излеала на повеќе локации долж целиот свој тек. Поплави се регистрирани и долж средниот и долниот тек на реката Колпа, додека Љубљаница се излеала во подрачјето на Љубљанското Блато.
Од АРСО очекуваат нивото на водата кај Випава и Колпа постепено да почне да се намалува во текот на саботата, додека поплавените површини во Љубљанското Блато ќе останат под вода уште извесен период. Пошироко повлекување на водостоите се прогнозира во недела.
