Франција денеска е зафатена од нов бран масовни протести, на кои младите, синдикатите и припадниците на движењето „Жолти елеци“ бараат повисоки плати, поголеми инвестиции во образованието и подобра заштита на децата и адолесцентите.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека низ земјата се очекуваат меѓу 50 и 60 протестни собири, поради што се мобилизирани околу 70.000 полицајци и жандарми за одржување на јавниот ред и безбедноста.
Во Париз протестите започнаа на Плоштадот Република, каде што илјадници демонстранти се собраа за да го изразат незадоволството од високите трошоци за живот и економската состојба. Поради движењето на демонстрантите, привремено се затворени 21 метро-станица.
Според проценките, на протестите во главниот град се очекува да учествуваат меѓу 30.000 и 60.000 луѓе. На демонстрациите треба да им се приклучат и активисти за заштита на животната средина, како и организации кои се борат против насилството врз децата и младите.
Протестни собири се организираат и во повеќе други француски градови, меѓу кои Бордо, Лион, Рен и Марсеј.
Во Тулуз, протестот организиран од левичарските партии и синдикатите завршил без инциденти. Според полициските проценки, на собирот учествувале околу 1.800 лица, додека организаторите тврдат дека имало околу 6.000 демонстранти.
Денешните собири се продолжение на протестниот бран што започна на 24 октомври и кој во изминатиот период се прошири во повеќе француски градови, со барања за подобар животен стандард, социјална правда и поголема поддршка за образовниот систем.
