Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша документ за вештачката интелигенција заедно со директорите на најголемите светски технолошки компании, оценувајќи го како „морално обврзувачки“ документ што треба да постави основни принципи за развојот на оваа технологија.
По средбата во Белата куќа, Трамп изјави дека документот претставува своевиден „устав“ за вештачката интелигенција и најави дека администрацијата разгледува можност за формирање комисија која ќе го следи развојот и примената на ВИ.
„Размислуваме за формирање комисија со десетина членови која ќе ја надгледува целата област“, изјави Трамп, без да соопшти дополнителни детали за нејзиниот состав и надлежности.
Иницијативата доаѓа во период кога владите ширум светот бараат начини да воспостават правила за развојот на вештачката интелигенција. Дел од водечките компании во секторот претходно предупредија дека е неопходна меѓународна соработка за управување со ризиците од сè понапредните ВИ-системи.
Иако во минатото Трамп тврдеше дека САД немаат потреба од дополнителна регулатива за вештачката интелигенција, сега најавува механизми за надзор. Во исто време, повтори дека не поддржува создавање глобален систем за контрола на ВИ.
На состанокот присуствуваа извршни директори на водечки технолошки компании, меѓу кои Дарио Амодеи од „Антропик“, Марк Закерберг од „Мета“, Сундар Пичаи од „Гугл“, Џенсен Хуанг од „Нвидиа“ и Алекс Карп од „Палантир“.
Трамп истиот ден ја претстави и новата услуга базирана на вештачка интелигенција, која треба да го олесни користењето на владините услуги за американските граѓани.
Осврнувајќи се на односите со Кина, американскиот претседател порача дека не сака заедничко управување со технологијата на вештачката интелигенција, бидејќи, според него, тоа би можело да ја намали конкурентската предност на американските компании.
„Пред Кина сме и пред сите други и сакам така да остане“, изјави Трамп.
