Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека американската војска спровела „една од најхрабрите операции за потрага и спасување во историјата“ и го извлекла вториот член од екипажот на соборениот борбен авион Ф-15 од Иран.
„Го имаме! Овој храбар офицер, високо ценет полковник, сега е безбеден“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social, додавајќи дека пилотот се наоѓал длабоко зад непријателските линии, во планините на Иран, додека бил бараn од непријателските сили.
Трамп тврди дека операцијата била изведена по негова наредба, со ангажман на десетици авиони вооружени со „најмоќното оружје во светот“, и дека пилотот е повреден, но надвор од животна опасност.
Според него, ова е втора успешна спасувачка операција во два дена. Првиот пилот од истиот авион бил спасен претходно, но тоа не било објавено за да не се загрози втората операција.
„Првпат во воената историја два американски пилота се спасени одвоено, длабоко на непријателска територија“, напиша Трамп.
Тој додаде дека во двете операции „не загинал ниту еден американски војник“, што, според него, е доказ за „целосната воздушна надмоќ на САД над Иран“.
Американскиот Ф-15Е беше соборен во петок над јужен Иран, а во него имало двајца членови на екипажот – пилот и офицер за вооружување. По соборувањето била започната сложена операција за потрага и спасување во исклучително опасни услови.
Претходно беше потврдено дека едниот член на екипажот е спасен, додека по другиот се трагало, при што имало и извештаи за напади врз американски хеликоптери за време на операцијата.
Претходно, пред објавата на Трамп, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, објавена на социјалната мрежа Икс пренесе негова изхава во која се вели: „Во изминатите неколку часа, американската војска изведе една од најопасните операции за потрага и спасување во историјата“.
