Соединетите Американски Држави ја одредија нуклеарната напаѓачка подморница „Колорадо“ како прво американско пловило што ќе биде распоредено во Западна Австралија во рамки на безбедносниот пакт АУКУС, кој ги обединува САД, Австралија и Обединетото Кралство.
Подморницата од класата „Вирџинија“, долга 115 метри и опремена со торпеда и крстосувачки ракети, треба да пристигне во својата нова база кон крајот на следната година, соопштија американски претставници.
Според заедничкото соопштение на трите земји, распоредувањето претставува значаен чекор кон зајакнување на заедничките одбранбени способности и капацитетите за одвраќање во Индо-Пацифичкиот регион.
АУКУС беше формиран со цел продлабочување на безбедносната и одбранбената соработка меѓу трите сојузници, а воедно се смета и за одговор на сè поголемото воено влијание и модернизацијата на вооружените сили на Кина во регионот.
Во рамките на договорот, Австралија треба да изгради флота од подморници на нуклеарен погон, со технолошка и оперативна поддршка од САД и Обединетото Кралство.
Подморниците ќе бидат стационирани во поморската база ХМАС „Стирлинг“ во Западна Австралија. Планот предвидува таму ротациски да бидат распоредени до пет напаѓачки подморници – четири американски и една британска.
Со ова распоредување Австралија ќе стекне дополнително искуство во управувањето, одржувањето и логистичката поддршка на подморници на нуклеарен погон, како подготовка за идната австралиска флота што ќе биде развиена во рамки на АУКУС.
