Четири лица загинаа, а едно е повредено откако силно торнадо го погоди турскиот град Анталија, јавуваат турските медиуми.
Невремето ја зафатило областа кратко откако турската метеоролошка служба издала предупредување за обилни врнежи од дожд. Торнадото минало низ градилиште, при што уништило контејнер што служел како сместување за работниците и соборило кран.
Двајца работници загинале на самото место, додека уште двајца им подлегнале на повредите во болница. Петтиот работник, кој за време на невремето се наоѓал во друг контејнер, бил повреден.
Гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин, соопшти дека тројца од загинатите биле сириски државјани. Тој оцени дека станува збор за исклучително локализиран метеоролошки настан што го погодил округот Кепез.
Во останатите делови на Анталија не е пријавена поголема материјална штета.
Истовремено, истиот временски систем предизвикал и обилни врнежи од дожд во Истанбул, најголемиот град во Турција.
