На повеќе локации во Скопје утрово се спроведува заедничка полициско-безбедносна акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во рамки на истрага поврзана со кривични дела од областа на тероризмот.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека под раководство на јавен обвинител од ова обвинителство се извршуваат претреси на повеќе локации, а досега се приведени повеќе лица поради сомнение за сторени кривични дела.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, на територија на Скопје во тек е акција на МВР и АНБ на повеќе локации. Приведени се повеќе лица поради сомнение за сторени кривични дела од областа на тероризмот“, соопштија од Обвинителството.
Оттаму најавуваат дека повеќе информации за акцијата ќе бидат објавени по нејзиното завршување и по утврдување на сите детали од истрагата.
