Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвидуваат нови механизми за заштита на жртвите, меѓу кои и можност за воведување електронски алки за насилниците, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На брифинг со новинарите, Тошковски посочи дека со законските измени се отвора можност за користење на електронски надзор над лицата сторители на насилство, а дополнително ќе се анализира кој ќе биде надлежен за управување со системот, колку уреди ќе бидат набавени и како ќе се стават во функција.
За спроведување на новите решенија, како што појасни министерот, ќе треба да бидат донесени и соодветни правилници и подзаконски акти.
Тошковски нагласи дека клучно во борбата против семејното насилство е создавање поширок општествен договор сите институции и чинители ова прашање да го третираат како приоритет.
Како една од најзначајните новини во измените, министерот ја посочи можноста полициски службеник, доколку процени дека постои сериозен ризик од насилство врз жртвата, веднаш да го отстрани потенцијалниот сторител од домот.
Според предложеното решение, полицијата ќе може со усна наредба да го отстрани насилникот од живеалиштето во период до 48 часа, без оглед на тоа кој е сопственик на имотот. Наредбата најдоцна во рок од шест часа ќе треба да биде изготвена во писмена форма и доставена до лицето на кое се однесува.
Во исто време, за случајот ќе бидат известени Центарот за социјални работи и надлежниот суд, кој потоа ќе одлучува дали мерката за отстранување ќе биде продолжена до 30 дена.
