Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ги испратила во Брисел предлог-измените на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка, нагласувајќи дека новите законски решенија ќе се применуваат само за идните случаи, а нема да важат ретроактивно.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ дека со измените на законите, донесени по скратена постапка и со европско знаменце, создала услови за избегнување на одговорност за сторени кривични дела.
Според него, лицата за кои постојат сомневања за криминал во периодот на претходната власт и натаму ќе можат да се повикуваат на поповолниот закон, односно на измените што беа донесени во времето на СДСМ и ДУИ.
„Овие измени коишто сега ги носиме се за отсега па натаму. И нема да важат ретроактивно“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека предложените законски измени ќе важат за актуелната и за сите идни влади, освен доколку повторно не бидат изменети, оценувајќи дека претходните законски решенија негативно влијаеле врз владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата.
