Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со објава на Фејсбук реагираше по поразот на кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“ на вонредните избори за градоначалник на Општина Брвеница.
Во својата објава, Мицкоски напиша дека изборната трка била „сами против сите“, оценувајќи дека нивната страна настапила со програма и концепт, додека противниците, како што наведува, имале поддршка од „демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“.
Тој посочи дека коалицијата бележи раст на поддршката во однос на првиот изборен круг, но и во споредба со парламентарните избори.
„Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист – од 3.000 на 4.200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1.300 гласа, но за жал недоволно за целосна победа“, напиша Мицкоски.
Премиерот им се заблагодари на граѓаните кои ја поддржале нивната коалиција, но порача дека Владата ќе продолжи да им дава поддршка на сите жители на Брвеница, без разлика како гласале.
„Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“, порача Мицкоски.
