Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки вечерва му ја честиташе победата на кандидатот на ДУИ, Аркин Јахији, на вонредните избори за градоначалник на Општина Брвеница, посочувајќи дека разликата меѓу двајцата кандидати изнесува околу 200 гласа.
Ковачки изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа изборните резултати, но истовремено обвини дека на изборите гласале лица кои не живеат во Брвеница, туку во странство.
„Би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може, бројките се тие што се. Успеаја да донесат многу луѓе од надвор кои не живеат тука, кои живеат надвор од границите на оваа татковина, меѓутоа гласаа за кандидатот на ДУИ“, изјави Ковачки.
Според него, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, загубил со разлика од околу 200 гласа.
