Во Општина Брвеница денеска се одржува вториот круг од локалните избори за градоначалник, откако во првиот круг ниту еден од шестмината кандидати не успеа да освои доволен број гласови за победа.
Избирачките места во десетте населени места во општината се отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот. Право на глас имаат 16.256 граѓани, од кои 449 се лица на привремена работа во странство, додека девет избирачи се запишани како лица во затвор или притвор.
На првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври, излезноста изнесуваше 46,56 проценти. Гласаа 7.565 избирачи, а најголем број гласови освоија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои сега се соочуваат во вториот круг.
Во вториот круг за победник ќе биде прогласен кандидатот кој ќе освои поголем број гласови. Доколку од какви било причини не биде избран градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена ќе ја извести Владата.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати ќе ги објавува сукцесивно врз основа на електронски доставените податоци од избирачките места, додека резултатите врз основа на записниците од Општинската изборна комисија ќе бидат објавени во законски утврдените рокови.
Општинската изборна комисија првичните резултати ги објавува во рок од седум часа по завршувањето на гласањето, а конечните резултати ДИК ги соопштува најдоцна во рок од 24 часа од нивната конечност.
