МВР денеска ја информираше јавноста за какво дело бил уапсен поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.
„Во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да искористи влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, соопштија од полицијата.
Првично, Стафа побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК водело постапки за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври 2025 година примил 30.000 евра, а на 13 декември 2025 година уште 20.000 евра. Веднаш по примањето на вториот износ, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од август 2018 до 23 август 2022 година кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
