Денеска ќе биде познато дали возачите од утре ќе плаќаат повисоки цени за горивата. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во текот на денот ќе ја донесе новата одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, која ќе важи во наредните седум дена.
Новата пресметка доаѓа во период кога цената на суровата нафта на светските пазари бележи раст. Барелот достигна околу 116 долари, што претставува зголемување од приближно шест проценти во однос на минатата недела, што ги зголемува очекувањата за можно поскапување и на домашниот пазар.
При формирањето на цените, РКЕ ги зема предвид движењата на референтните цени на нафтените деривати на светските берзи, курсот на американскиот долар, како и останатите параметри утврдени со регулаторната методологија.
Со последната одлука на Комисијата, бензините поевтинија за 2,5 денари по литар, додека дизелот поскапе за два денари. Во моментов, Еуросупер БС-95 се продава по 96 денари за литар, Еуросупер БС-98 чини 98 денари, а Еуродизелот 99 денари за литар. Цената на Екстра лесното масло за домаќинство изнесува 110,50 денари за литар.
Одлуката на РКЕ ќе биде објавена во текот на денот, по што ќе стане јасно дали од полноќ ќе има нова промена на цените на горивата.
