Повеќе од 30 членови на Општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров ја напуштиле партијата и се приклучиле на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, соопштија од ЗНАМ.
Новите членови биле пречекани од генералниот секретар на партијата Горан Минчев и претседателот на Општинската организација на ЗНАМ во Ѓорче Петров, Славољуб Тотиќ.
Од ЗНАМ оценуваат дека приклучувањето на новите членови претставува потврда дека сè поголем број граѓани ја препознаваат нивната политичка понуда.
„Овој чекор е уште една потврда дека сè поголем број граѓани ја препознаваат политиката на ЗНАМ како автентична, принципиелна и посветена на интересите на граѓаните“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се додава дека, според нив, состојбата во која се наоѓа СДСМ, недостатокот на јасна политичка визија и губењето на довербата кај граѓаните се меѓу причините поради кои дел од членството ја напушта партијата.
Од ЗНАМ порачуваат дека и понатаму ќе продолжат да ги отвораат вратите за сите граѓани кои сакаат да се приклучат и да придонесат, како што велат, за поодговорна, достоинствена и принципиелна политика.
Засега нема официјална реакција од СДСМ на тврдењата изнесени во соопштението на Движењето ЗНАМ.
