СДСМ обвини дека владејачкото мнозинство денеска во Собранието не дозволило да се одржат опозициските пратенички прашања, оценувајќи дека станува збор за обид да се избегне политичка одговорност.
Од партијата тврдат дека со барање паузи и, како што наведуваат, со прекршување на собранискиот Деловник, било оневозможено поставувањето на пратеничките прашања.
Според СДСМ, претседателот на Собранието Африм Гаши времетраењето на паузите го пресметал во рамките на двата часа предвидени за седницата, поради што, како што велат, не било поставено ниту едно пратеничко прашање.
Во партиското соопштение се наведува дека ваквиот потег е доказ дека власта се плаши од прашањата на опозицијата.
СДСМ воедно повторно упати обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски во врска со случајот „Алта банка“, тврдејќи дека вистината, како што велат, не може да се сокрие и дека ќе има одговорност.
Од владејачкото мнозинство засега нема реакција на обвинувањата изнесени од СДСМ.
