Македонија се наоѓа на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител за 2026 година, тврдат од СДСМ, повикувајќи се на податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Од опозициската партија велат дека според проекциите, БДП по жител во Македонија во 2026 година би изнесувал 11.762 долари, што ја става земјата зад повеќе држави од регионот.
„Од земјите во регионот, пред нас се Србија со 17.126 долари, Црна Гора со 16.211 долари и Албанија со 13.968 долари. Босна и Херцеговина е на 43. место“, наведуваат од СДСМ.
Според нив, најбогати европски економии според овој показател се Лихтенштајн, Луксембург и Ирска, додека разликата меѓу Македонија и најразвиените земји останува значителна. Од партијата посочуваат дека Германија има повеќе од петпати повисок БДП по жител во споредба со Македонија.
Од СДСМ ја критикуваат економската политика на актуелната влада и оценуваат дека реалната состојба во економијата, како што велат, не се совпаѓа со најавите за висок економски раст и подобрување на животниот стандард.
„Ова е реалната состојба на економијата. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите“, стои во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија дополнително обвинуваат за зголемено задолжување на државата, можни поскапувања на енергенсите и недоволно зголемување на примањата на граѓаните.
Во реакцијата се упатени и сериозни политички обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и Владата, за кои од СДСМ тврдат дека работат спротивно на интересите на граѓаните. Од партијата ги повикаа институциите да обезбедат поголема транспарентност околу економските политики и јавните средства.
