Предвремени парламентарни избори нема да има, бидејќи државата во наредните две години треба да обезбеди околу пет милијарди евра за враќање и рефинансирање на долговите, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, формирањето техничка влада во такви околности би било неодговорен потег што сериозно би ја загрозил финансиската стабилност на државата.
На брифинг со новинарите, Мицкоски посочи дека само во 2027 година ќе треба да се обезбедат околу 2,3 милијарди евра, а во 2028 година уште приближно 2,7 милијарди евра за отплата и рефинансирање на долговите, плаќање камати и покривање на буџетскиот дефицит.
„Шест месеци техничка влада ќе ја однесе државата директно во банкрот. И таа техничка влада ќе биде во пикот на најжестоката зима, во јануари и делумно во февруари“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека, од политички аспект, владејачката коалиција нема проблем со одржување избори, но дека финансиските обврски што претстојат бараат стабилна и функционална Влада.
Мицкоски се осврна и на разговорите со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во врска со моделот за полагање на правосудниот испит. Како што информираше, предлогот веќе е испратен до Венецијанската комисија на мислење.
Според предложеното решение, теоретскиот дел од испитот би можел да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, додека практичниот писмен дел, кој опфаќа симулација на кривичен и граѓански судски процес, би се полагал исклучиво на македонски јазик и со кирилично писмо. Доколку Венецијанската комисија има забелешки, моделот ќе биде дополнително изменет.
Премиерот порача дека евентуално повлекување на ЗНАМ од Владата нема автоматски да значи предвремени избори, бидејќи, како што рече, владејачкото мнозинство во Собранието располага со 75 до 76 пратеници.
Воедно, најави дека по разговорите со лидерите на коалицијата Вреди ќе бидат договорени и кадровските решенија за повеќе испразнети заменик-министерски позиции, меѓу кои и во ресорите за социјална политика и култура.
