Водата е незаменлив ресурс кој го одржува животот. Питката вода мора да се чува и од прекумерно трошење, но и од потенцијално загадување.
Се прави ли тоа доволно во Скопје и неговите извори за вода? Може ли главниот град да се соочи со сценарио какво што неодамна го погоди Струга, каде граѓаните со недели немаа безбедна вода за пиење поради загадување на изворите?
Изворот Рашче е дар од природата. Но, еколошки експерти предупредуваат дека постои сериозна закана за изворот од кој со вода се снабдува најголемиот дел од главниот град. Како потенцијален ризик се посочува депонијата со јаловина од хром кај поранешниот комбинат „Југохром”, каде со години се складирани огромни количини индустриски отпад.
Опасноста е уште поголема бидејќи станува збор за шестовалентен хром – што е опасна супстанца која може да ја загадува водата на долг рок. Доколку вакво загадување навлезе во подземните води што го хранат Рашче, последиците би можеле лоши.
Оваа потенцијална опасност мора да го вклучи алармот кај надлежните институции. Итно да се направат строги контроли и да се бара решение за дислокација на опасниот отпад. Доста е од навиката да се реагира дури кога ќе избие криза, овој проблем би бил тешко поправлив, умно и неопходно е сега да се спречи.
