Граѓаните наскоро повторно би можеле електронски да го поднесуваат и плаќаат данокот на имот, откако Град Скопје започна активности за враќање на оваа дигитална услуга. Во иднина, системот треба да биде поврзан и со националната апликација за дигитални услуги, што ќе овозможи административните обврски да се завршуваат без посета на шалтери.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој истакна дека обновувањето на електронските услуги во локалната самоуправа е значаен чекор кон поедноставување на административните процедури.
Андоновски потсети дека пред околу десет години преку порталот skopje.gov.mk граѓаните можеле електронски да ги следат податоците за својот имот и да ги плаќаат даночните обврски. Според него, дел од дигиталните услуги што функционирале до 2017 и 2018 година подоцна биле укинати, поради што повторно се вратило шалтерското работење.
Како пример го посочи и Катастарот, кој претходно издавал електронски имотни листови, но подоцна престанал со таа практика.
„Проблемот во Македонија е што многу од работите што функционираа до 2017-2018 година, престанаа да функционираат со текот на времето. Се сеќавате дека Катастарот дотогаш издаваше електронски изводи, за потоа да престане да ги издава и да се вратиме повторно на шалтер“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека со новите активности во Град Скопје повторно се создава можност за развој на локалните електронски услуги. Во тек е подготовка на платформа преку која граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат пријави и да го плаќаат данокот на имот, а подоцна услугата ќе може да биде интегрирана и во националната мобилна апликација.
Министерот нагласи дека дигитализацијата на локалните услуги зависи и од подготвеноста на самите општини да воведат соодветни системи.
„Ако која било општина нема таков систем, за нас е невозможно да влеземе сосила во општината и да ги дигитализираме процесите“, рече Андоновски.
Тој информираше дека Министерството за дигитална трансформација, во соработка со УНДП, веќе работи на проект што ќе им помогне на заинтересираните општини да ги дигитализираат основните административни услуги.
Проектот предвидува електронски постапки за издавање согласности за поставување урбана опрема, поднесување барања за организирање настани, како и аплицирање за различни видови субвенции. Според Андоновски, процесот е започнат, но неговата целосна реализација ќе зависи од капацитетите и нивото на дигитална подготвеност на општините.
Крајната цел, како што истакна министерот, е воспоставување единствен и функционален систем преку кој граѓаните ќе можат побрзо, полесно и електронски да ги користат локалните јавни услуги, а повторното воведување на електронското плаќање на данокот на имот претставува еден од првите чекори во тој процес.
