Отровниот воздух во Скопје деновиве ептен ги загрижува скопјани. Спас бараат во поретки излегувања на отворено, а и во носење на маски. Спас бараат и во ветерот кој ако дувне би го растерал многу загадениот воздух.
Ама, ветерот го нема и што е уште позагрижувачко и постојаното воздушно струење од Повардарецот е стопирано или намалено со многу неплански насадени згради низ Скопје. Урбанизацијата без визија и план за добро живеење си го прави своето. Големите објекти го попречуваат вообичаеното ветре и проток на воздухот по текот на реката Вардар. Затоа и се создаваат „вртлози” кои го оставаат загадениот воздух во Скопје наместо да си замине по текот на реката.
Ќе се сопрат ли барем понатамошните такви градби? Загадениот воздух во Скопје е тежок проблем кој бара преземање на разни и долготрајни мерки, сега е време за итните, но и мора да се внимава на понатамошната здивена урбанизација на градот.
