Коалицијата ВЛЕН остро реагираше по одлуките за ослободување од притвор на Артан Груби и Перпарим Бајрами, оценувајќи дека станува збор за „невиден скандал“ и сериозен удар врз довербата во правосудниот систем.
Од ВЛЕН наведуваат дека јавноста со право бара одговори, особено по информацијата дека Перпарим Бајрами бил ослободен од притвор со гаранција во вредност од над еден милион евра, додека, како што посочуваат, Артан Груби претходно бил пуштен од домашен притвор.
Во реакцијата се поставуваат повеќе прашања до надлежните институции, меѓу кои и дали постојат политички или други влијанија врз правосудните одлуки, како и дали измените на Кривичниот законик придонеле за вакви судски епилози.
ВЛЕН бара итно објаснување од судските и обвинителските органи за околностите под кои биле донесени одлуките, нагласувајќи дека како дел од власта ќе ги искористи сите институционални механизми за целосно расветлување на случајот.
Во соопштението се повикува и меѓународната заедница, како и странските амбасади, внимателно да ги следат случувањата поврзани со, како што наведуваат, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.
„Груби и Бајрами не смеат да бидат над законот. Никој не смее да ја избегне одговорноста. Одговорност ќе има. Правдата ќе стигне до секого“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
