Од 16 октомври, во кино-салите на Cineplexx, македонската публика ќе има можност да го проследи новиот филм „Мајка“, режиран од Теона Стругар Митевска.
Филмот, кој е нејзино долгометражно деби на англиски јазик, следи седум клучни дена од животот на светицата Мајка Тереза, во моментот кога таа одлучува да го напушти манастирот Лорето Ентали во Калкута и да го основа својот ред – Мисионерките на милосрдие.
Сценариото е напишано од Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татаргиќ. Главната улога ја толкува Номи Рапас, која го прикажува животот на Мајка Тереза, следејќи ја нејзината борба и одлука за основање нов ред во Калкута, Индија.
Филмот ја имаше својата светска премиера на 27 август 2025 година, во рамките на програмата Оризонти на 82. Венециски филмски фестивал.
Покрај Номи Рапас, во филмот се појавуваат и Силвија Хоекс во улога на сестра Агнешка, Никола Ристановски како отец Фридрих – доверлив човек на Мајка Тереза, Лабина Митевска како сестра Мерцедес и други.
Филмот „Мајка“ ветува силна и интимна приказна за непознатиот период од животот на една од највлијателните жени на 20 век.
Фото: Принтскрин/Facebook
