Со солзи и силни емоции, Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка кој загина во трагедијата со уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, ги дочека изборните резултати во Србија, порачувајќи дека нејзината борба за правда продолжува.
Во разговор за телевизијата Н1, одржан во близина на Пионерскиот парк во Белград, Хрка не успеа да ги задржи солзите додека зборуваше за долгогодишната борба за одговорност за трагедијата во која животот го загуби нејзиниот син, но и други граѓани.
„Ова е победа на сите нас. Ова е само почеток на она што треба да го направиме. Две години го чекав овој момент. Се тресам, не можам да зборувам“, изјави таа видно вознемирена.
Граѓани кои се наоѓаа во близина ѝ приоѓаа, ја прегрнуваа и ѝ упатуваа поддршка за нејзината истрајност во барањето правда.
Хрка порача дека очекува одговорност од сите за кои смета дека се поврзани со трагедијата, посочувајќи ги Александар Вучиќ, Зорана Михајловиќ и Милорад Додик.
„Ова е наша победа, победа на нашите деца. На некој начин сум среќна“, рече таа.
Посебно емотивно реагираше на прашањето за можните помилувања што, според информациите што се појавија, ги донел Александар Вучиќ. Во моментот на разговорот не било познато на кои лица конкретно се однесуваат тие одлуки.
„Може тој да ги помилува, но јас нема. Никогаш нема да дозволам некој да биде помилуван за ова. Се надевам дека тие одлуки можат да се поништат и дека сите одговорни ќе бидат казнети“, порача мајката на загинатиот Стефан Хрка.
Трагедијата со уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад стана една од главните причини за масовните протести во Србија и барањата за утврдување одговорност.
