Актерката Весна Димитровска ја освои наградата за „Најдобра актерка“ на 31. издание на Меѓународниот фестивал на истражувачки театар „Isola dei Teatri“ („Остров на театрите“) што се одржа во Сасари, Сардинија, Италија.
Димитровска наградата ја доби за изведбата на монодрамата „Кога земјата молчи“, инспирирана од култниот роман „Пиреј“ на македонскиот писател Петре М. Андреевски, со која таа имаше премиерна изведба пред италијанската публика.
Жирито на фестивалот во образложението истакна дека македонската актерка оставила силен впечаток со својата интерпретација на ликот на Велика, оценувајќи ја нејзината изведба како длабоко емотивна, моќна и исклучително посветена.
„Публиката проследи не само актерска изведба, туку сведоштво, исповед и катарза. Театар што ранува, потресува и останува во срцето“, стои во образложението на фестивалската комисија.
Според жирито, Димитровска преку ликот на Велика успеала да ја прикаже борбата меѓу болката и силата, очајот и пркосот, мајчинското страдање и непобедливата желба за преживување.
Актерката по враќањето во Велес изјави дека делото на Петре М. Андреевски е нејзина долгогодишна инспирација и дека со монодрамата остварила професионална желба што ја носела уште од студентските денови.
„На сцената во Сасари не ја глумев, туку ја живеев Велика со сета моја 40-годишна желба и акумулирана енергија“, рече Димитровска, додавајќи дека публиката силно ја почувствувала приказната за македонската жена, мајка и историското страдање низ кое поминувал народот.
Таа посочи дека една од нејзините цели била да го доближи големото творештво на Петре М. Андреевски до италијанската публика, која покажала голем интерес за претставата.
Наградената монодрама „Кога земјата молчи“ наскоро ќе биде изведена и пред велешката публика на сцената на матичниот Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
