Со доделување на фестивалските признанија и проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, во Битола свечено беше отворено 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Силјановска Давкова, која истакна дека „Браќа Манаки“ одамна прераснал од фестивал во културна институција со меѓународен авторитет.
Таа нагласи дека годинава меѓу 12-те филмови во официјалната конкуренција има и две македонски остварувања, со кои се отвора и ќе се затвори фестивалот.
Силјановска Давкова оцени дека тоа претставува признание и дополнителен импулс за развојот и меѓународната афирмација на македонскиот филм. На свеченоста таа му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на данскиот кинематографер Дан Лаустсен.
Специјалната „Камера 300“ за особен придонес кон светската филмска уметност му беше врачена на американскиот кинематографер Џеф Кроненвет.
Наградата ја додели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој потсети дека фестивалот е основан во 1979 година и со децении претставува еден од културните симболи на градот.
Коњановски истакна дека фестивалот го чува наследството на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот, и истовремено гради културни мостови со филмски автори од целиот свет.
На отворањето беше доделена и традиционалната награда на Друштвото на филмските работници на Македонија – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Годинашен добитник е актерот Петре Арсовски, кој беше поздравен со силен аплауз и се заблагодари за признанието со кое е вреднувано неговото 55-годишно актерско творештво.
По свечениот дел, во големата сала на Центарот за култура беше прикажан „Скејтањето не е за девојчиња“, копродукциски проект на Дина Дума, во кој кинематографер е Фредерик Нуаром.
Со отворањето започна фестивалската програма што во следните денови во Битола ќе донесе филмски остварувања и истакнати кинематографери од Македонија и од светот.
