Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД работат на проширување на претходните хуманитарни договори што овозможија евакуација на цивили од воените подрачја, со цел да се примени сличен модел во поголем обем во рамки на војната во Украина.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп потсети на претходните прекини на огнот преку кои цивили биле извлечени од загрозени подрачја, нагласувајќи дека тие активности, според него, спасиле многу животи.
„Беше прекрасно. Тоа беше прекин на огнот. Луѓето беа евакуирани од градовите и населените места, што веројатно им ги спаси животите. Сега работиме на верзија од тоа, но во поголеми размери“, изјави Трамп.
Американскиот претседател не откри детали за потенцијалниот нов договор, ниту прецизираше на кои подрачја би се однесувал, како би се спроведувал и дали Москва и Киев веќе се согласиле на американскиот предлог.
Трамп посебно ја истакна улогата на првата дама Меланија Трамп во претходните хуманитарни иницијативи, наведувајќи дека таа соработувала со официјални лица и посредници при евакуацијата на цивили.
„Сега преминуваме кон поширок формат“, порача американскиот претседател.
Според пишувањата на „Фајненшал тајмс“, администрацијата на Трамп се обидува да постигне договор за завршување на војната до почетокот на јануари, пред демократите да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот по изборната победа на 3 ноември.
Промената на политичкиот распоред во Вашингтон би можела да влијае врз начинот на кој Белата куќа ги води понатамошните преговори поврзани со конфликтот.
