Данските безбедносни служби спречиле планиран атентат врз украинско-американскиот рапер Kyivstoner, а властите во Копенхаген тврдат дека зад операцијата стојат руски разузнавачки структури.
Данската премиерка Мете Фредериксен соопшти дека националната полиција и Службата за безбедност и разузнавање навремено ја откриле и спречиле операцијата, која, според проценките на властите, била организирана со вмешаност на Русија.
Според информациите објавени од данските власти, цел на нападот бил раперот Kyivstoner, американско-украински државјанин кој во септември требало да настапи во Данска.
За реализација на нападот, според сомнежите на истражителите, биле ангажирани лица поврзани со забранетата криминална организација „Loyal to Familia“ (LTF). Двајца дански државјани се осомничени дека биле регрутирани од руски разузнавачки служби со цел да го извршат убиството.
Случајот предизвика сериозни реакции во Данска, а премиерката Фредериксен оцени дека настанот е уште еден показател за зголемените безбедносни ризици со кои се соочува Европа.
„Се соочуваме со Русија која е под притисок, дејствува сè поагресивно и е подготвена да презема поголеми ризици“, изјави Фредериксен.
Таа посочи дека заканите не се ограничуваат само на можни напади, туку вклучуваат и саботажи, сајбер-напади и инциденти со беспилотни летала во близина на критична инфраструктура.
Данската премиерка порача дека земјата нема да биде заплашена и дека ќе продолжи да ја поддржува Украина заедно со своите сојузници.
Воедно, владата во Копенхаген најави дополнителни мерки, меѓу кои зголемување на поддршката за Украина, заострување на санкциите кон Москва, како и ограничувања за издавање визи на руски државјани за патувања кои не се неопходни.
Данска планира и дополнително зајакнување на капацитетите на полицијата и разузнавачките служби за справување со новите безбедносни предизвици.
