Основното јавно обвинителство во Белград поднесе обвинение против градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, поради сомнение дека на 28 септември физички ја нападнал советничката во Општина Нов Белград, Татјана Мичиќ од движењето „Крени-Промени“.
Според обвинителството, Шапиќ се товари за кривично дело тешка телесна повреда. Во обвинителниот предлог е побарано судот да го прогласи за виновен и да му изрече затворска казна од најмалку три години.
Обвинителството, исто така, предложило да му биде изречена мерка на безбедност со која ќе му се забрани да ѝ се приближува и да комуницира со оштетената.
Според наводите во обвинението, инцидентот се случил на 28 септември околу 21:15 часот во Нов Белград. По кратка расправија, Шапиќ наводно ја фатил Мичиќ за десната рака и ја удрил со тупаница во пределот на лицето.
Во нападот, советничката се здобила со скршеница на носната коска, скршеница на дел од горната вилица, како и повреди на вратот и десната рака, кои според обвинителството претставуваат тешка телесна повреда.
Претходно, движењето „Крени-Промени“ соопшти дека судски вештак ангажиран од обвинителството потврдил дека повредите на Татјана Мичиќ се квалификуваат како тешки телесни повреди.
За обвинението ќе одлучува надлежниот суд во Белград.
