Функционалното владеење на правото, доследната примена на законите и изборот на стручни кадри наместо партиски решенија се неопходни за економски развој и за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Ова го порача европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, во видеообраќањето на тематската дебата во Собранието посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор.
Вајц оцени дека Македонија има потенцијал да биде меѓу предводниците во процесот на пристапување кон Европската Унија, доколку се надминат пречките поврзани со блокадата од Бугарија.
„Се надевам дека Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори. Со реформите што се спроведени, земјата би требало да биде меѓу лидерите во преговарачкиот процес, доколку се надминат блокадите од соседна Бугарија“, истакна Вајц.
Тој нагласи дека борбата против корупцијата не е важна само поради европската интеграција, туку и поради создавање сигурна деловна клима и привлекување инвестиции.
Според него, странските инвеститори нема да се водат само од тоа дали постојат закони, туку дали тие навистина се применуваат и дали правниот систем обезбедува еднаков третман за сите.
„Клучно е дали инвеститорите можат да се потпрат на владеењето на правото. Не е доволно законите да постојат само на хартија, туку тие мора доследно да се спроведуваат. Тоа е основа за економски раст и подобар животен стандард“, порача европратеникот.
Вајц предупреди дека одливот на младите е директно поврзан со недостигот на економски можности и институционална доверба, додавајќи дека само со квалитетни инвестиции и стабилни институции може да се создадат услови младите да останат во државата.
Тој се осврна и на изборот на раководни кадри, оценувајќи дека при именувањето директори, раководители и други носители на јавни функции, предност мора да имаат образованието, работното искуство и стручните квалификации.
Според него, политичката доверба е разбирлива при изборот на членови на кабинетите, но професионалните позиции во институциите треба да се пополнуваат според компетентност, а не според партиска припадност.
Вајц предупреди дека и недоволната стручност, но и поставувањето преквалификувани лица на несоодветни работни места, може да влијаат негативно врз ефикасноста на институциите.
Како еден од најважните предуслови за стабилна демократија, тој ја посочи довербата на граѓаните во институциите, нагласувајќи дека таа може да се изгради само преку независни институции, професионален кадар и еднаква примена на законите за сите.
Според Вајц, институциите треба да располагаат со доволно ресурси, обучен кадар и независност од политички влијанија, за да можат ефикасно да ги спроведуваат законите и да обезбедат еднаквост пред правдата за секој граѓанин.
