Европската Унија спречила можен граѓански судир во Србија во изборната ноќ на 25 октомври, кога по поразот на парламентарните избори Александар Вучиќ распоредил голем број припадници на војската и полицијата во центарот на Белград, тврди поранешната белгиска амбасадорка во Србија, Дениз де Хаувере.
Во интервју за телевизијата „Инсајдер“, таа изјавила дека Брисел извршил директен притисок врз Вучиќ да ги повлече безбедносните сили од Пионерскиот парк, со цел да се спречи насилство кое можело да прерасне во граѓанска војна.
Според неа, Европската Унија внимателно ги следела случувањата пред и за време на изборите, на кои Студентската листа ја победила Српската напредна партија и ставила крај на долгогодишното владеење на Вучиќ. Поранешната амбасадорка оценила дека европските институции не биле само набљудувачи на политичката криза, туку активно интервенирале за да спречат ескалација на судирите и да обезбедат мирен трансфер на власта.
Де Хаувере го обвинила Вучиќ дека со години водел двојна политика кон Европската Унија, претставувајќи се во Брисел како поддржувач на европските интеграции, додека пред српските граѓани тврдел дека Унијата поставува неправедни барања. Таа смета дека таквата политика придонела за назадување на демократијата во Србија и дека Брисел со текот на времето престанал да му попушта на поранешниот српски претседател.
Поранешната амбасадорка ја поздравила победата на студентското движење и ѝ порачала на новата власт дека сега е време за реформи на институциите, стабилизирање на економијата и зајакнување на демократијата, а не за политичка одмазда кон претставниците на претходната власт.
