Кина официјално потврди дека во четврток, на 19 ноември, во градот Шенжен ќе се одржи првата заедничка средба на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг.
Тројцата лидери ќе се сретнат на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка, во период на сериозни меѓународни тензии поради војните во Украина и на Блискиот Исток, како и затегнатите односи меѓу Вашингтон и Пекинг.
Иако Трамп, Путин и Си досега имале повеќе меѓусебни билатерални средби, ова ќе биде првпат тројцата претседатели истовремено да седнат на заедничка преговарачка маса.
Белата куќа најави дека американскиот претседател ќе го отвори прашањето за намалување на нуклеарното вооружување, оценувајќи дека неговото ширење претставува сериозна опасност за светската безбедност.
Трамп планира да разговара и за војната со Иран, додека Москва инсистира една од главните теми да биде завршувањето на војната во Украина.
Сепак, Вашингтон засега не планира да го отвори украинското прашање на трилатералната средба, бидејќи преговорите со Киев и Москва се водат преку посебен дипломатски канал.
Според американските медиуми, Путин уште минатиот месец предложил организирање ваков самит со надеж дека ќе се постигне напредок во преговорите за завршување на војната, но трите држави сè уште немаат усогласено заедничка агенда.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, пак, ќе има можност да ја зацврсти дипломатската позиција на Пекинг, иако аналитичарите предупредуваат дека различните интереси на трите сили може да го отежнат постигнувањето конкретни договори.
Покрај заедничкиот состанок, Трамп и Си ќе одржат и одделна средба посветена на трговските односи меѓу САД и Кина, особено на можноста за продолжување на привремениот трговски договор што истекува во јануари.
Засега не е предвидена посебна средба меѓу Трамп и Путин, а останува неизвесно дали историскиот состанок во Шенжен ќе донесе конкретни договори или ќе претставува само почеток на нови разговори меѓу трите светски сили.
