Српското обвинителство му одреди притвор до 48 часа на 19-годишен државјанин на Македонија, осомничен за обид за убиство и недозволено поседување и носење оружје.
Како што соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград, на осомничениот А.А. му е определен краткотраен притвор поради постоење основи на сомнение дека на 8 јули 2025 година во Белград се обидел да го лиши од живот Н.А.
Според досегашните сознанија, осомничениот на улицата „Народни Херои“ испукал неколку куршуми од пиштол кон Н.А., кој во тој момент се наоѓал во своето возило.
Случајот се води за две кривични дела – обид за убиство и недозволено производство, поседување, носење и тргување со оружје и експлозивни материи.
Српските медиуми, повикувајќи се на свои извори, наведуваат дека жртвата е Ненад Алајбеговиќ, познат под прекарот Алибег, поранешен водач на навивачката група на „Партизан“. Тој бил погоден со неколку куршуми во нападот што се случил во јули минатата година.
Според информациите објавени во српските медиуми, 19-годишниот Македонец бил приведен додека се обидувал да ја напушти Србија и да премине во Хрватска. Апсењето било извршено на границата, по што случајот го презеле надлежните истражни органи во Белград.
Од обвинителството засега не објавуваат повеќе детали за мотивите за нападот, ниту за околностите под кои дошло до пукањето. Истрагата треба да ги утврди сите факти и евентуалната поврзаност на осомничениот со нападот.
